Моделот Y на Tesla беше најпродаваниот автомобил во Европа во Септември, оставајќи ги зад себе некои од најпопуларните модели со мотори на внатрешно согорување.
Со испораки тројно поголеми во однос на минатата година, Tesla испорача преку 29.000 автомобили, со што Model Y оствари значајна разлика во однос на Peugeot 208 со околу 19.600 единици. (Извор JATO Dynamics, Global Automotive Market Research Company).
Кросоверот кој од оваа година се произведува во фабриката на Tesla во Германија, го надомести падот на продажбата на Model 3, настанат поради недостатокот на извоз од фабриката на производителот во Кина.
Според анализите на JATO, Tesla има тенденција да покажува особено добри резултати во последниот месец од секој квартал. И покрај тоа, вкупните испораки во третиот квартал се зголемија за 17% во однос на претходната година и речиси двојно, во споредба со 2020.
Пазарот на нови автомобили во Европа, генерално остана оптоварен во поголемиот дел од годината поради долготрајните проблеми во синџирот на набавка кои го намалуваат производството. Иако дел од тој притисок се намалува, потрошувачите во Европа сега се соочуваат со повеќекратно зголемени сметки за енергија и зголемени каматни стапки, кои почнуваат да влијаат на побарувачката.
Во однос на структурата, целосно електричните автомобили во првите 9 месеци од годината учествуваат со 16% во вкупниот број на регистрации. Во Септември, комбинираната продажба на Model 3 и Model Y порасна на 42.000 единици или 4 пати повеќе во однос на водечките електрични модели на VW, ID3 и ID4.