Да, може да се случи да наполните погрешно гориво во резервоарот на вашиот автомобил и се случува многу почесто од што претпоставувате. Иако се чини неверојатно, се проценува дека на секои 3-4 миниути, некој возач полни погрешно гориво во резервоарот на својот автомобил.
Можеби долго сте имале бензинец (или дизел), па сте купиле дизел (или бензинец) и едноставно сте заборавиле. Можеби вашиот работник во брзање наполнил погрешно гориво во службениот автомобил. Деконцентрација, умор, стрес… Сценарија има многу, но кога се работи за овој проблем – никогаш не велете никогаш.
Што сега?
Важно е да знаете дека не е сé изгубено и дека што побрзо сте ја откриле оваа грешка, толку настанатиот проблем ќе предизвика помала штета.
Бензин во дизел мотор
Бензинот може да му нанесе поголема штета на дизел моторот, отколку дизелот на бензинецот. Дури и мали количества на бензин, може да го измијат тенкиот слој што ја подмачкува пумпата за вбризгување на гориво во дизел моторот. Овој проблем настанува поради тоа што подмачкувачките својства на бензинот се разликуваат од оние на дизел горивата.
Дополнително, бензинот е позапаллив од дизелот, што значи дека доколку се наполни бензин во резервоар на автомобил со дизел мотор, ќе се активира побрзо, предизвикувајќи нерамномерна работа на моторот, намалена моќност, тропање, па дури и трајно оштетување.
Имајте на ум дека новите Clean Diesel и Common Rail мотори се далеку почувствителни на бензин од нивните претходници и најмала количина на бензин во нивните резервоари може да го оштети системот за контрола на издувните гасови, додека согорувањето на бензин во секој дизел мотор речиси сигурно ќе предизвика непоправлива штета на истиот.
Дизел во бензинец
Потешко е да се налее дизел во бензинец, отколку обратно. Зошто? Затоа што пиштолот за дизел не одговара на отворот на резервоарот кај бензинците, што на некој начин претставува заштита, но само кај поновите модели на автомобили.
Дури и мешавина со само 5% дизел, може да нанесе висока штета на бензинскиот мотор и катализатор доколку автомобилот се вози подолго време, кога доаѓа до нерамномерно работење и трокирање на моторот.
Теоретски, дизелот не би можел да се запали во моторот кој работи на бензин. За да се запали, потребно е дизелот да биде претходно компримиран, што значи дека доколку автомобилот ви остане без гориво, моторот најверојатно нема да се запали иако претходно сте наполниле дизел.
Што да направите?
- Не го палете/покренувајте моторот! Прво правило е да не го палите моторот откако претходно сте ја утврдиле грешката. Ова може да ве спаси од високи трошоци за сервисирање и замена на контаминираните делови. Постои можност горивото да не дојде до системот за вбризгување и единствен трошок да биде трошокот за празнење на резервоарот.
- Изгаснете го моторот веднаш штом воочите што се случило. Второто правило е “да се спаси што може”. Во овој случај, направената штета најверојатно не е мала и најверојатно ќе треба да го одвлечете автомобилот на сервис и дијагностика.
- Повикајте “Аутомакедонија помош на пат”
Замена на делови во дизел мотор
Модерните дизел мотори работат под висок притисок и внатре во моторот постои многу мала толеранција на погрешно гориво. Исто така, горивото не служи само како енергија за покренување, туку и како подмачкувач на моторот и системот за вбризгување. Кога бензинот ќе навлезе во дизелскиот мотор, тој делува како разредувач, предизвикувајќи губење на својствата за подмачкување, така што пумпата за гориво ќе претрпи многу повеќе триење. Доколку целиот процес отиде предалеку, системот за гориво потребно е да се исплакне, а оштетените компоненти да се заменат. Деловите кои се на “удар” се филтерот, бризгалките и сензорите, а нивното менување подразбира повеќе часови работа, односно скап сервис.
Замена на делови во бензински мотор
Дизелот е потежок и помасен од бензинот и потребен му е притисок за да може да го запали моторот. Тој ќе потоне затоа што е потежок од бензинот и ќе ги наполни бризгалките. Во теорија, автомобилот може да работи, постои можност за посилен чад и триење, но штетата не мора да биде значително голема. Сепак, препорачливо е да се повика влечна служба, за да може сервисерот да ја провери настанатата штета и да ги отстрани проблематичните делови доколку е потребно.
За да се реши проблемот, сервисерот ќе го испразни резервоарот, ќе го наполни со бензин, ќе ги исчисти бризгалките и ќе го замени филтерот.
На крајот, секогаш два пати проверувајте какво гориво ставате во резервоарот или едноставно, препуштете им ја работата на вработените на бензинската пумпа. Особено ако имате автомобил со дизел мотор.